Македонија

Сиљановска Давкова: Горда сум на Армијата, не случајно ужива најголема доверба

10.12.2024 13:41

Претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова беше брифирана за реализација на плановите, задачите и состојбата во Армијата во текот на 2024-та…

Горда сум на Армијата, не случајно ужива најголема доверба, што е доказ за нејзиниот кредибилитет и дигнитет не само дома, туку и надвор, истакна претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова по денешниот брифинг за борбената готовност на Армијата.

По брифингот, во изјава за медиумите, Сиљановска Давкова за медиумите посочи дека извештајот бил темелен, полн со податоци и факти.

„Соработката со генералштабот е извонредна. Сè она што го чув денеска ми дава за право отворено да изразам неспорна доверба во началникот, во Генералштабот, офицерите и војниците. Денеска чув информации за извонредна регионална соработка како доказ за улогата на воената дипломатија. Ја имаат мојата доверба, ја докажаа нивната одговорност и слободно можеме мирно да спиеме“, изјави Сиљановска Давкова.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски рапортираше за борбената готовност на Армијата, состојбата и степенот на реализација на активностите во обуката и вежбите, операциите во земјата и во странство, опремата и инфраструктурата, военото планирање и структура на силите, модернизацијата, буџетирање и финансирање и персоналниот менаџмент.

Генералот Лафчиски истакна дека Армијата во тековната година успешно ги реализирала сите предвидени задачи и борбената готовност е на потребното ниво.