Борис Трајанов- национален уметник за 2014-та

25.07.2014 13:43

Трајанов својата уметничка кариера ја почна во средината на 80-тите години на минатиот век на оперските сцени од поранешна Југославија, а на почетокот на 90-тите години со голем успех продолжи на меѓународната сцена...

Македонскиот баритон, Борис Трајанов е добитник на признанието национален уметник за 2014-та година. Меѓународната слава која ја стекна на оперските сцени, богатата биографија и многубројните признанија беа пресудни ресорното министерство да му го додели ова признание, највисоко во областа на културата.

Досега со титулата национален уметник се стекнаа пијанистот Симон Трпчевски, режисерот Милчо Манчевски и кралицата на ромската музика Есма Реџепова.

„Македонскиот баритон Борис Трајанов е еден од најрепрезентативните музички уметници во Република Македонија. Со бројните концерти одржани на релевантни светски афирмирани манифестации и фестивали, како и со освоените престижни меѓународни награди и признанија, дал врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во нашата држава“, потенцира министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Трајанов својата уметничка кариера ја почна во средината на 80-тите години на минатиот век на оперските сцени од поранешна Југославија, а на почетокот на 90-тите години со голем успех продолжи на меѓународната сцена.

Во неговата професионална биографија е наведено дека толкувал разновиден репертоар од 43 водечки баритонски улоги, остварил околу 1.320 настапи, од кои 135 концерти и 1.186 оперски претстави, во бројни оперски куќи и фестиваали во Германија, САД, Латинска Америка, Русија, Јапонија, Кореја, Израел и други земји, настапувајќи со некои од најголемите диригентски и пејачки имиња од светот на музиката.