Царинска управа

Соработката со приватниот сектор е клучна во борбата против сивата економија

10.12.2024 18:23

Геополитичката сцена брзо се менува, со зголемени закани за слободната трговија, при што Македонија и земјите од регионот како мали земји, се најмногу изложени на опасностите од нелегална трговија, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски...

Борбата против сивата економија е актуелна тема, но и предизвик со кој постојано се соочуваме. Геополитичката сцена брзо се менува, со зголемени закани за слободната трговија, при што Македонија и земјите од регионот како мали земји, се најмногу изложени на опасностите од нелегална трговија, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски на регионалната конференција за сузбивање на сивата економија што се одржува во Скопје во организација на Американската стопанска комора на Македонија и на Србија.

Клучот за справување со овие закани, според Николовски, е високата подготвеност на земјите во спречување на секој обид за криминални дејствија и сузбивање на сивата економија, но исто така и зголемувањето на соработката со приватниот сектор и споделувањето на искуствата и предизвиците со кои се соочува овој сектор.

Осврнувајќи се на работата на Царинската управа од 1 јули годинава откога ја презеде функцијата директор, Николовски посочи дека се преземени значителни чекори во сузбивањето на секој обид на нелегална трговија за што потврда се наплатените приходи од 54,6 милијарди денари, што претставува раст од осум проценти во однос на истиот период лани.

Конференциите од ваков вид, според директорот на Царинската управа, се дополнителна можност за размена на искуства и воспоставување на нови начини за поблиска комуникација на учесниците во трговската размена во регионот и пошироко.