Предлог-буџетот пред пратениците: За власта развоен, за опозицијата расипнички
На пленарна седница пред пратениците е дополнетиот Предлог-буџет за идната година. Расправата ќе трае пет дена. Според Владата тој е развоен, поткрепен со инвестиции. Се очекува раст на економијата од 3,7 проценти, а инфлацијата да се намали на 2,2 насто. За опозицијата тој е нереален и генератор на нови долгови.

За власта развоен, за опозицијата расипнички. Предлог-буџетот за наредната година се најде пред пратениците. Министерката за финансии Кочоска најави силен инвестициски циклус, императив ќе биде и финансиската консолидација. 47 милијарди денари ќе се вложат во капитални проекти, со речиси 350 милијарди денари непречено ќе се исплаќаат плати, пензии, субвенции. Проекциите за 2025-та предвидуваат економски раст од 3,7 проценти, инфлација од 2,2 проценти, раст на извозот од 4,2 проценти и на увозот од 4,4 проценти.
Опозицијата критикува бидејќи, како што велат, власта ги одбила нивните амандмани за повисоки плати за работниците. Обвинуваат дека наместо повисок животен стандард за граѓаните, буџетот е израз на неодговорност и самоволие на власта. Според Битиќи, тој е изготвен без консултација со експертите и е селективен.
Амандманската расправа за буџетот заврши на 29-ти ноември, а во дополнителниот предлог беа вметнати прифатените амандмани, измени и дополнувања. Расправата трае најмногу пет дена. Буџетот за идната година изнесува 6,5 милијарди евра.
Викторија Милевска
