Агелер: Црната листа не е затворена, на неа може да се најдат и други имиња
Лавина реакции во јавноста по објавувањето на новите имиња на Груби и Беџети кои се најдоа на црна листа на САД. Американската амбасадорка Агелер вели дека доказите за сторен криминал се достапни. Ги повика институциите да постапат. Од ДУИ велат дека ќе ја почитуваат одлуката на Стејт департментот. За ВМРО-ДПМНЕ ова е доказ дека претходната власт е до гуша во корупција...

Црната листа не е затворена, на неа може да се најдат и други имиња, став на американската амбасадорка откако Стејт департментот ги стави поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа. Тие се сомничат дека примале мито за да влијаат во епилог од судски процеси поврзани со поранешниот шеф на УБК – Сашо Мијалков.
Агелер вели дека САД ќе ги повика на одговорност сите поединци кои ги подриваат демократските вредности.
И покрај половина милијарда долари вложени во македонското правосудство, корупцијата има епидемиски размери, оценува амбасадорката.
Премиерот Мицкоски посочи дека многупати до сега зборувал за вмешаност во корупција на функционери од ДУИ, а сега потврда има и од стратешките партнери.
Претседателката Сиљановска Давкова порача дека не смееме да останеме мирни во однос на црните листи и побара обвинителството да постапи по допрен глас.
Од Коалицијата „Вреди“ пак ги повикаа членовите на ДУИ да го напуштат, како што рече, корумпираниот брод што тоне.
Од ДУИ велат дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот и како партија остануваат посветени на стратешката соработка со САД и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста.
Од Здружението на судии, пак, сметаат дека ставањето на судија на црната листа е сериозен удар на честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт.
Анита Димитријевска – Велковска
