Организиран криминал

Истрага за местење тендери во „РЕК Битола“ имало и во 2020-та

10.12.2024 17:53

Ексклузивно, МТВ објавува дека Обвинителството за организиран криминал веќе води истрага против Васко Ковачевски, во време кога бил директор на РЕК Битола. Тој заедно со негови соработници се сомничат дека барале мито за да наместат тендер, велат од Вишото обвинителство, за МТВ. но предметот е заглавен во институционалните лавиринти, додека Обвинителствата играат пинг-понг, случајот отворен во 2020-та година, сè уште чека разрешница.

Покрај сеопфатната полициска акција обвинителството за организиран криминал и корупција води постапка и за местење тендери и барање мито во РЕК Битола, против Васко Ковачевски во време кога бил директор на термоелектраната.

Во 2020-та година, еден од конкурентите за добивање тендер му поднел пријава за барање мито, која МВР ја процесуирало до обвинителството, но пријавата била отфрлена со образложение дека нема елементи за кривичен прогон. Оштетениот поднел жалба до вишото обвинителство, кадешто по разгледување на списите се утврдило дека предметот не може да се забошоти, со што се дадени насоки на пониското обвинителство да продолжи со истрагата. По четири месеци, обвинителството повторно ја отфрлило пријавата, а вишиот обвинител постапувајќи по новата жалба однови насочил дека истрагата треба да продолжи.

„Да точно е тоа „модус операнди“ во делот на конкурирање во „РЕК Битола“ и добивање на тендери веќе бил познат во јавноста. Треба да продолжи истрагата има дадено детални напатствија по коишто ќе постапува и треба да постапува, не знам до која фаза се моментално, но сигурно постапуваат. Денешната акција е за сосема нешто друго каде што се инволвирани лица коишто се и во оваа пријава која била кај мене во втор степен“, изјави Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишото скопско обвинителство.

На потег е обвинителството со кое раководи Ислам Абази за да се заврши истрагата која почнала пред четири години.

 

Зоран Богатинов