Приведени 23 осомничени за криминал „тежок“ 6,5 милиони евра
Поранешни високи функционери паднаа во рацете на полицијата и Обвинителството. Се сомничат за криминал тежок 6 и пол милиони евра. Надлежните го бараат екс-директорот на ЕСМ-Ковачевски кој заминал од државата.

23 лица се приведени во акција на полицијата и Јавното обвинителство, поради сомнеж за сторен криминал од 6,5 милиони евра во ЕСМ, РЕК „Битола“, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино. Се трага по поранешниот директор на ЕСМ за кој постојат информации дека веќе извесен период е надвор од земјата.
При извршени претреси во Битола, Неготино, Кичево, Велес и Скопје за време на акцијата обезбедени се голем број материјални докази, а кај три лица пронајдени и одземени се околу 130.000 евра.
„Во периодот од месец октомври 2022 година до месец јули 2024 година пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари со намера да го прикријат нивното движење и подигнале пари во готово, а за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело“, известуваат од МВР.
Дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари.
Осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК „Битола“ и подружница РЕК „Осломеј“. На начин овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие.
Акцијата е во тек, се обезбедуваат материјални докази врз основа на кои ќе се донесе одлука за примена на мерките на обезбедување на осомничените.
Александра Велинова
