Поголем маркетинг и пониски цени за успешна сезона во Охрид
Против Охрид како туристички центар се води негативна кампања во дел од македонските медиуми, што заедно со лошите временски услови придонесува градот да биде полупразен и кон крајот на јули. Ова го заклучија членовите на охридскиот Совет за локален економски развој и експертите, кои излезот го бараат во зголемени маркетишки активности и намалување на цените на услугите кога посетеноста е намалена...

Необјективните и тенденциозни информации во некои од печатените и електронските медиуми му нанесоа огромни штети на охридскиот туризам. Овој став го делат членовите на Советот на градски татковци на Охрид, но и експертите.
„Најголем дел од дискутантите се сложија дека Охрид има далеку подобра понуда од она што некои од медиумите се обидуваат да го прикажат. Цените во Охрид се направени за сечиј џеб“, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Експертите сметаат дека во август бројот на туристите ќе биде далеку поголем, но дека хотелиерите и угостителите можат да го поттикнат тоа со намалување на цените за престој и со воведување на таканаречениот „happy hour“ во периодот кога посетеноста е намалена.
„Јас лично мислам дека во Охрид цените не се високи затоа што во неделата се вратив од една мала балканска тура каде имав прилика да платам 1,7 евра за две еспреса, во мало село што не е ниту туристичка дестинација“, рече Лела Крстевска, претседател на Стопанска комора за туризам на Македонија.
Изградбата на автопатот до Охрид е голема шанса за развој на туризмот, меѓутоа до неговото завршување мора да биде изработена стратегија за развој на туризмот, што ќе биде еден вид пресвртница за градот.
„Никогаш во историјата до сега туризмот не бил повеќе од 10 проценти во вкупниот бруто домашен производ на градот. Значи ако не бил, а сакаме да постигнеме, тогаш е потребна многу значајна и јака стратегија“, смета претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Долгорочно охриѓани треба да размислуваат на кој начин покрај Холанѓаните повторно на охридското крајбрежје да ги вратат традиционалните гости од Германија, од Англија и другите европски земји, бидеќи само така може да биде забележан развој во оваа стопанска гранка.
Сашо Нелоски
