Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за ЕУ во Македонија
Денеска во Собранието ја организираат Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) и Втората пленарна конференција во рамки на проектот „Нека правдата владее со регионот“...

Европското движење Северна Македонија денеска во Собранието ја организираат Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) и Втората пленарна конференција во рамки на проектот „Нека правдата владее со регионот“.
Како што информираат од Европското движење, станува збор за настан кој ги обединува регионалните граѓански инцијативи во доменот на владеење на правото. Посочуваат дека идејата да се организираат заеднички регионални настани значително зајакна со новите инцијативи на Европската унија за Западен Балкан, особено Планот за раст. Оваа граѓанска инцијатива, како што велат, ќе овозможи споделување на регионалните практики за витални прашања од Кластер – 1 и преку нивно пренесување во националните средини ќе се влијае на подобрувањето на пристапниот амбиент, потенцирајќи го значењето на реформските процеси.
На конференцијата воведни обраќања ќе имаат Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања, Венко Филипче, претседател на Националниот совет за европска интеграција, Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионални прашања на Западен Балкан и Узлем Џанел, амбасадорка на Кралството Холандија во Северна Македонија.
