Ал Башир: Време е луѓето да живеат во мир
„Владата на спасот“ на средба со кабинетот на сириската влада во заминување. Постепеното префрлање на власта на новиот преоден кабинет треба да заврши најдоцна до 1 март наредната година. Време е луѓето да уживаат во стабилност и мир-порача новоизбраниот привремен премиер на Сирија, Ал Башир...

Во Дамаск одржана седница на кабинетот на сириската влада во заминување со „Владата на спасот“ предводена од новоизбраниот привремен премиер Мохамед Ал Башир со цел олеснување на политичката транзиција. Постепеното префрлање на власта на новиот преоден кабинет треба да заврши најдоцна до 1 март наредната година. Време е луѓето да уживаат во стабилност и мир-порача Ал Башир.
„Целта на состанокот беше трансферот на институции и досиеја од владата на соборениот режим до сириската привремена влада. Сириската влада ќе може да ги води работите во текот на преодниот период, кој треба да заврши на 1-ви март-ова е мандат од генералната команда“, изјави Мохамед Ал-Башир, шеф на преодниот кабинет.
САД најавија дека ќе ја признаат и поддржат новата сириска влада која води до веродостојно, инклузивно и несекташко владеење, придржувајќи се до четири принципи.
„Неколку принципи за кои веруваме дека треба да се почитуваат за време на процесот на транзиција и формирање на новата влада се почитување на правата на малцинствата, олеснување на хуманитарната помош. Спречување Сирија да се користи како база за тероризам и безбедно уништувајќи ги залихите на хемиско оружје. Сите нации треба да поддржат инклузивен и транспарентен процес и да се воздржат од мешање“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Од Брисел загриженост дека Сирија може насилно да се распадне доколку нејзиниот територијален интегритет и правата на малцинствата не бидат заштитени.
„Прво, постои легитимна загриженост за ризиците од секташко насилство, оживување на екстремистите и вакуум на владеење, а сето тоа мора да се избегне. Мора да избегнеме повторување на ужасните сценарија На Ирак, Либија и Авганиста“, изјави Каја Калас, висок претставник на ЕУ.
Стравовите се непотребни- – вели лидерот на бунтовничката група Хајат Тахрир Ал-Шам. Тврди дека Сирија нема да влезе во друга војна и дека земјата ќе застане на нозе.
„Стравовите се непотребни, земјата ќе се изгради. Изворот на стравови беше од иранските милиции, Хезболах. Од режимот кој ги изврши масакрите, кој беше присутен и кој повеќе го нема. Ќе ја придвижиме земјата кон развој и обнова. Луѓето се исцрпени од војна и не се подготвени да влезат во нова“, изјави Ахмад ал-Шара, лидер на Хајат Тахрир Ал-Шам.
Во истовреме, курдските сили поддржани од САД се повлекуваат од градот Манбиџ на северот во близина на Турската граница. Четврти ден по ред, сириските бегалци се враќаат во земјата која е во тешка хуманитарна состојба.
Бојана Крстевски
