Новиот премиер на Сирија вети стабилност
Народот исцрпен од војна. Новиот премиер на Сирија, Мохамед Ал Башир ветува стабилност. Меѓународната заедница бара да се гарантира заштитата на правата на малцинствата...

Време е луѓето да уживаат во стабилност и мир-порача новоизбраниот привремен премиер на Сирија, Мохамед Ал Башир повикувајќи ги бегалците да се вратат дома. Вети дека ќе им бидат загарантирани сите права додека во Дамаск се прават договори за транзиција на власта.
„Целта на состанокот беше трансферот на институции и досиеја од владата на соборениот режим до сириската привремена влада. Сириската влада ќе може да ги води работите во текот на преодниот период, кој треба да заврши на 1-ви март-ова е мандат од генералната команда“, изјави Мохамед Ал-Башир – шеф на преодниот кабинет.
САД најавија дека ќе ја признаат и поддржат новата сириска влада доколку се придржува до четири принципи.
„Почитување на правата на малцинствата, олеснување на хуманитарната помош. Спречување Сирија да се користи како база за тероризам и безбедно уништувајќи ги залихите на хемиско оружје“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Од Брисел загриженост дека Сирија може насилно да се распадне доколку нејзиниот територијален интегритет и правата на малцинствата не бидат заштитени.
„Постои легитимна загриженост за ризиците од секташко насилство, оживување на екстремистите и вакуум на владеење, а сето тоа мора да се избегне. Мора да избегнеме повторување на ужасните сценарија На Ирак, Либија и Авганистан“, изјави Каја Калас -висок претставник на ЕУ.
Стравовите се непотребни-вели лидерот на бунтовничката група Хајат Тахрир Ал-Шам. Тврди дека Сирија нема да влезе во друга војна и дека земјата ќе застане на нозе.
„Изворот на стравови беше од иранските милиции, Хезболах. Од режимот кој ги изврши масакрите, кој беше присутен и кој повеќе го нема. Ќе ја придвижиме земјата кон развој и обнова. Луѓето се исцрпени од војна и не се подготвени да влезат во нова“, изјави Ахмад ал-Шара -лидер на Хајат Тахрир Ал-Шам.
Во истовреме, курдските сили поддржани од САД се повлекуваат од градот Манбиџ на северот во близина на Турската граница, додека израелските сили се обидуваат да ги уништи сите одбранбени капацитети во Сирија. Иран тврди дека падот на Асад е план на САД и Израел за да се ослабне оската на отпорот.
„Имаме докази кои не оставаат простор за сомнеж. Колку повеќе притискате на фронтот на отпорот, толку тој станува посилен, порешителен и ќе го опфати целиот регион повеќе од кога било досега“, изјави Ајатолахот Али Хаменеи -врховен водач на Иран.
Четврти ден по ред, сириските бегалци се враќаат во земјата која е во тешка хуманитарна состојба.
Бојана Крстевки
