Полначи за електрични возила отсега достапни на скопскиот и охридскиот аеродром
Новопоставените станици за полнење на електрични возила кои работат на наизменична и еднонасочна струја се стратешки лоцирани на паркинзите на двата аеродроми и можат истовремено да полнат до осум електрични возила...

Од денес, патниците, корисниците, гостите и персоналот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид ќе имаат на располагање дополнителна услуга и погодност – четири станици за полнење електрични возила. Оваа нова предност, која дополнително ја збогатува понудата на ТАВ аеродромите, е овозможена од ЕВН Македонија и е во согласност со стратегиите за одржливост и континуирано подобрување на услугите за клиентите на двете компании.
Новопоставените станици за полнење на електрични возила кои работат на наизменична и еднонасочна струја се стратешки лоцирани на паркинзите на двата аеродроми и можат истовремено да полнат до осум електрични возила – шест на аеродромот во Скопје и две на охридскиот.
Техничките тимови од ТАВ Македонија и ЕВН Македонија соработуваа на овој проект, придонесувајќи кон пошироката мисија за промовирање на еколошката свесност. Покрај еколошките придобивки, воведувањето станици за полнење електрични возила ја нагласува посветеноста на двете компании кон иновации, задоволството на корисниците и унапредувањето на корпоративната општествена одговорност за да обезбедат одржлива иднина.
