Жесток руски напад врз Запорожје
Жесток руски напад врз Запорожје, најмалку шестмина загинаа, над 20 се повредени. Во меѓувреме, излегуваат детали од разговорите на Зеленски, Макрон и Трамп. Првите двајца на новоизбраниот американски претседател му објаснувале дека Путин не е оној истиот од 2017 година.

Запорожје, сместен на најголемата украинска река Дњепар, се најде под силна канонада на руските проектили. Погодена е градската болница, се бројат мртвите, се спасуваат ранетите. Луѓе има и под урнатините.
„Се спасивме поради тоа што бевме малку подалеку. Но уништувањето што беше направено, можете и сами да го видите. Дури и металните работи се уништени“, изјави Анатолиј Позиј-жител на Запорожје.
Руската офанзива пред можните мировни преговори се шири во неколку правци. На удар е и областа на вториот град по големина во Украина, Харков. Ракети паднаа во местото Златопол.
„Имаше многу малку време меѓу тревогата и евакуацијата во засолништето. Вработените не можеа да се засолнат. Филијалата на банката е уништена, сега ги извршуваме банкарските трансакции онлајн“, изјави Артем Ниџелскиј-директор на југоисточниот регион на Рајфајзен банката во Украина.
Кога се во прашање парите, Америка ѝ префрли 20 милијарди долари на Украина од замрзнатите руски средства. Парите се веќе на контото на Киев во Светска банка, но Зеленски бара дополнителна опрема за противвоздушна одбрана за да се спречат нападите како во Запорожје. Неуспехот на Украина е закана за Европа.
„Зборував со генералниот секретар на НАТО, Руте за комуникациите со сите наши партнери и како да ги решиме побрзо прашањата на колективната безбедност за нас и за Европа. За тоа ни требаат силни и ефикасни гаранции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Специјалната операција ќе заврши кога сите руски цели ќе бидат постигнати. Можат да се постигнат и со соодветни преговори, кои Украина засега ги одбива“, изјави Дмитриј Песков-портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
На граничните линии на руската област Курск, сухоите на воената авијација постојано ги бомбардираат украинските позиции. Контраофанзивата на Киев засега без посакуваните резултати. Пред сè, поради недостиг на муниција.
Зоран Богатинов
