Диви свињи прават пустош на земјоделските посеви на брегот на Охридското Езеро
Популацијата, поради забраната за лов во НП „Галичица“ е премногу намножена и во потрага по храна, животните ги уништуваат нивите со пченка, пченица, грав и цели лозја на потегот од Студенчишкото блато до населбата Свети Стефан. Земјоделците бараат помош...

Диви свињи ги пустошат земјоделските посеви на брегот на Охридското Езеро. Земјоделците се жалат потполно уништени им се нивите со пченка, пченица, грав и цели лозја. Повеќе групи диви свињи од НП „Галичица“ уништуваат по стотици квадрати насади од Студенчишкото блато до населбата Свети Стефан.
И покрај тоа што нивите ги оградија со мрежи, штетите на земјоделците се огромни.
„Преку месна заедница поднесено е барање до градоначалникот на општина Охрид, до Министерство за земјоделие и до НП. Добивме одговор од Општина велат не се надлежни, го посочија дека е надлежен НП. Истиот одговор го добивме од Министерство за земјоделие тие не се надлежни а од НП писмено немаме одговор добиено“, изјави Благоја Пазаркоски земјоделец.
„Секоја година се повеќе и повеќе има штета. Нешто оградив, но ефект нема. Никој не презема ништо надлежен нема изгледа сакаат да ги оставиме да не ги работиме нивите“, вели Љупчо Јованоски земјоделец.
Дивите свињи, поради забраната за лов во НП „Галичица“ се намножени и во потрага по храна слегуваат во градот. Земјоделците апелираат институциите да преземат итни мерки.
„Веќе пет шест години како последици од прасињата не собираме ништо а фрламе огромни средства како што е самата политика секое парче земја да биде обработено ние се трудиме“, вели Владе Рудески земјоделец.
„Лани трактористот ми ја изора нивата ама едно зрнце грав не зедовме, се тоа благодарение на тие дивите прасиња кои се заштитени со не знам каков закон“, вели Наум Рудески земјоделец.
Од НП „Галичица“ велат се преземаат соодветни мерки во рамките на овластувањата на паркот.
Соња Рилковска
