Македонија

Уставен ја одложи одлуката за јазиците, Костадиновски обвини за притисоци

11.12.2024 13:44

Иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците денеска пред Уставниот суд. Судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари не дојдоа на седницата. Одлучено да се одржи подготвителна седница. ДУИ на стража пред судот. Во Скопје има засилено полициско присуство зашто ова прашање деновиве крена многу тензија...

Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува. Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред сè експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.

Ние изминатиов подолг период сме сведоци на едно непримерно, можам да го наречам и политичко насилие, влијание, притисоци на некој начин и уцени на Уставниот суд. Тоа е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка култура, да не зборувам за уставна култура, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од било кого. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи. Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков како што е, нагласи Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд додаде дека воопшто не сака да комуницира и полемизира со политичарите, но нагласува дека се принудени на некој начин да им се обратат на граѓаните и да ги уверат во независноста и непристрасноста. Потенцираше дека денешната одлука на Уставниот суд, не сака од никој да биде сфатена како слабост или подлегнување под некој притисок.