Иванов - Могерини: Понатамошно унапредување на билатералната и економска соработка помеѓу Македонија и Италија
Претседателот Иванов со шефицата на италијанската дипломатија разговараше за билатералните односи помеѓу Македонија и Италија, политичката и економската соработка, како и за состојбите во врска со интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО...

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република.
На средбата, претседателот Иванов со шефицата на италијанската дипломатија разговараше за билатералните односи помеѓу Македонија и Италија, политичката и економската соработка, како и за состојбите во врска со интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО.
Претседателот Иванов, посакувајќи успешно претседавање на Италија со Европската унија, се заблагодари за досегашната италијанска поддршка за интегрирањето на Република Македонија во европските и евро-атлантските структури, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. Иванов ја информираше италијанската министерка за статус-кво состојбата на Република Македонија, која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, и за разговорите за разликата околу името, како и за проактивниот и конструктивен пристап на нашата земја во унапредувањето на добрососедските односи.
Иванов на средбата истакна дека Република Македонија бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски, и во таа насока очекува поддршка од Италија и од земјите – членки на ЕУ, кои воедно се и членки на НАТО, дополнувајќи дека е потребно и во нашиот случај да се применат позитивните примери од регионот, на паралелно движење на преговорите со надминувањето на билатералната разлика.
Во однос на јакнењето на регионалната соработка, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија од Италија очекува поддршка и во настојувањата за членство во Јадранско-јонската иницијатива.
Министерката Могерини, истакна дека Италија како претседавач со Европската унија дава целосна поддршка по однос на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, додавајќи дека проширувањето останува високо на агендата на италијанското претседателство. Таа ја истакна подготвеноста на Италија да помогне во интеграцијата на земјите од регионот во Европската унија и во НАТО и изрази надеж дека за време на шестмесечното претседателство ќе биде направен чекор напред во интеграцијата на Република Македонија.
На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за постојано унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање и унапредување на билатералната и економската соработка.
