Ќе се задолжиме за да се раздолжиме
Владата даде зелено светло за вториот дел од унгарскиот заем. Со половина милијарда евра ќе се враќа еврообврзницата која достасува во јануари…

Втората половина од унгарскиот кредит, уште 500 милиони евра ќе бидат оперативни од следната година и ќе се искористат за раздолжување за еврообврзницата земена пред седум години, чиј рок на отплата доспева на 25-ти јануари. Оваа еврообврзница беше искористена од претходната влада за враќање долгови.
„На владина седница помина и вториот дел од унгарскиот кредит, вторите 500 милиони евра. Ние пред избори зборувавме за 1 милијарда, кога ги обезбедивме првите 500 милиони бевме обвинувани дека биле само 500, каде се другите, а ние викавме бидете трпеливи, не сакаме уште од сега да ја истрошиме и оваа втора половина бидејќи ќе треба да плаќаме камата. Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница“, истакна премиерот Мицкоски.
Првата половина милијарда ќе се инвестира во домашните компани и општините. За стопанствениците, кредитот е поволен, бидејќи е со ниска камата.
„Развојна банка го оформи конечниот производ и сега кога банките ќе ги потпишуваат поединечно договорите, точно ќе знаат за што сè се наменети, меѓу другото и за угостителство и изградба на хотели“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Ниту еднаш немаме користено кредит за нашата фирма со рочност од 15 години. 1,95% досега не ни се случило да платиме толку ниска каматна стапка“, изјави претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.
Корупцијата е штетна не само за државата. За подобра бизнис-клима, потребна е поагресивна борба против сивата економија.
„Јас сум за 100% борба против сивата економија и корупцијата. Формулации од типот – толку и толку проценти ги сметам за флоскули. Ние сите сме определени да се бориме против тоа до крај бидејќи тоа е најголемото зло и за бизнисот и за државата“, нагласи претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Сивата економија во нашата земја се проценува на 40 отсто.
Александра Велинова
