Не стивнуваат реакциите откако Груби и Беџети се најдоа на црната листа на САД
Превирањата во ДУИ по дополнувањето на црната листа. Лидерот на интегративците, Ахмети, рече дека ако се утврди вина Груби сам ќе се повлече од партиските функции. За власта, одлуката на Стејт департментот е срам за правосудството…

Артан Груби е совесен и одговорен, доколку се докаже вина нема потреба партијата да го отстрани, тој сам ќе се повлече од сите партиски функции, коментираше првиот интегративец Ахмети, откако неговиот близок соработник заврши на американската црна листа.
Одлуката на Стејт департмент на САД за ставање црната листа поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, според министерот за европски прашања претставува срам за правосудството и државата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова јасно открива зошто се прави, како што велат, драма пред Уставниот суд и зошто постојано повикуваат судовите и обвинителствата да си ја работат работата за којашто се платени.
Откако и апелациски судија се најде на црната листа, од Судскиот совет велат, преземаат мерки согласно неговите надлежности утврдени со Законот за судовите и Законот за Судскиот совет.
Од Судскиот совет загрижени по ставањето на судијата Беџети на црната листа. Оттаму велат дека се посветени за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем.
Наташа Јанчиќ - Менковски
