Македонија

Христовски пред одлука – директор на АНБ или асистент на факултет?!

11.12.2024 15:19

Бојан Христовски пред одлука – дали да остане директор на Агенцијата за национална безбедност или да биде асистент на факултет. Неговото име се актуализираше во јавноста откако Антикорупциска отвори случај за сертификатот по англиски и неговата факултетска диплома…

Актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски ќе чека формално да ја добие одлуката на наставно- научниот совет дека е избран за асистент на Факултетот за безбедност, па потоа ќе каже дали ќе се откаже од директорското место на АНБ.

Не сакаше да соопшти повеќе детали, но извесно е дека ако реши да биде асистент по криминалистика, треба да се откаже од раководната позиција, да даде отказ од МВР каде што работното место му е во мирување и да заснова нов работен однос со Факултетот за безбедност.

Христовски е под истрага на Обвинителството, Антикорупциска отвори постапка по претставки и пријави за сомнителен сертификат и факултетска диплома. Првиот човек на АНБ говореше за тоа во каква состојба ја затекнал Агенцијата и дека се потребни реформи во тајните служби.

Мора да има сериозни реформи во тајните служби, за да имаме квалитетен безбедносен систем, велат експертите.

На Факултетот за безбедност покрај директорот на АНБ, на дебата за реформите на тајните служби говореа повеќе професори, експерти, а тука беше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Борис Грујоски