Обвинителство

Оформен предмет за Груби и Беџети, ќе се истражува и кој го дал поткупот

11.12.2024 17:13

Обвинителството оформи предмет по ставањето на Груби и Беџети на американската црна листа. Ќе се истражува и оној кој го дал поткупот…

Освен што ќе се истражува примањето поткуп, Обвинителството ќе собира и докази против оној што ги дал парите и бил вклучен во трговија со влијание во случајот што го посочи американската амбасадорка, а поради кој поранешниот вицепремиер Груби и апелацискиот судија Беџети завршија на црната листа на САД.

Ова го најави државниот обвинител Коцевски на брифинг со новинарите, по чија наредба е отворен предмет и дадени се насоки за постапување. Коцевски оцени дека има одлична соработка со амбасадорката Агелер, која рече дека САД имаат црвсти докази за корупција на посочените.

„Согласно моите надлежности како Јавен обвинител на Македонија оформив предмет за да собереме докази околу поткуп и трговија со влијанија на споменатите лица на црната листа на САД. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија“, рече Коцевски.

Американскиот Стејт департмент ги посочи Груби и Беџети за примање поткуп во врска со предмети против екс-директорот на УБК Сашо Мијалков.

Името на судијата Беџети се најде и на седница на Судскиот совет каде беше посочен дека го чувал во фиока предметот за масовното прислушување „Таргет – Тврдина“. Тој беше парично казнет.

Анита Димитријевска – Велковска