Уставен ја одложи одлуката за Законот за јазиците – пред да ја донесе ќе се консултираат експерти
Уставниот суд ќе консултира експерти пред да донесе одлука за Законот за јазиците. Договорно e да се свика подготвителна седница. Денеска, двајца судии бојкотираа, еден го напушти заседанието. Првиот човек на судот, Дарко Костадиновски се пожали на жестоки политички притисоци, но, и покрај тоа, Европскиот фронт продолжи со „стражата“…

Прво подготвителна седница и консултирање правни експерти, па потоа конечна одлука за Законот за употреба на јазиците – ова е епилогот по заседанието на Уставниот суд кое го бојкотираа двајца судии Албанци, Осман Кадриу и Насер Ајдар, а судијата од турска националност Фатмир Скендер ја напушти дебатата откако не беше прифатен предлогот, точката да се тргне од дневниот ред.
На одлуката, дали целиот Закон или делови од него ќе се прогласат за уставни или неуставни ќе се почека неколку месеци. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски рече дека работат под притисок и оти политичарите ја доведуваат во прашање нивната независност. Порача дека нема да дозволи Уставниот суд да биде уценуван.
Со пет гласа „за“ и еден „против“, Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но и експерти. Дури откако судиите ќе ги слушнат мислењата, ќе одлучуваат што понатаму.
И покрај поплаките за притисоци, Европскиот фронт повторно стражареше пред судот. Потпретседателот на ДУИ, Османи, рече дека иницијативите треба да се повлечат зашто не може да се носат моноетнички одлуки.
Законот за употреба на јазиците, што стапи во сила пред пет години е оспорен со 12 иницијативи.
Марина Стојанова-Тонева
