Тетово

Пречекани мировниците од мисијата ИСАФ од Авганистан

25.07.2014 15:20

Во касарната Кузман Јосифовски Питу во Тетово беа пречекани мировниците од мисијата ИСАФ во Авганистан. Изминативе шест месеци тие беа распоредени во главната команда на мисијата во Кабул. Врвот на македонската одбрана оцени дека нашата армија уште еднаш докажа дека е рамо до рамо со армиите на земјите членки на НАТО.

Контингентот од мировната операција се врати со два американски медали, две писма и со повеќе од 300 сертификати на благодарност. Со ова се потврдува посветеноста и подготвеноста за преземање на обврските и одговорностите што произлегуваат од членството во НАТО.

„Сите овие признанија се само потврда за успехот на нашата мисија и самопрегорот што го вложивме во изминатите повеќе од шест месеци“, рече потполковник Блажо Николовски, Командант на контингентот.

Во 16-тата ротација на мировната мисија ИСАФ во Авганистан учествуваа 151 припадник на АРМ, задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.

„Горда сум што бев дел од оваа мировна операција. Имав огромна поддршка од моето семејство за ова учество“, вели Сашка Кнежевиќ, постар водник прва класа.

„Ова ми беше прва мисија надвор од државата. Ми беше голема чест и задоволство да бидам припадник на контингентот на АРМ“, рече Неџат Јусуфи, постар водник прва класа.

Министерот за одбрана Јолевски и началникот на генералштабот на АРМ генерал пополковник Котевски, сметаат дека македонските мировници уште еднаш ја поставиле АРМ рамо до рамо со армиите на земјите членки на НАТО.

„Докажуваме дека Република Македонија рамо до рамо со сојузниците се бори за зачувување на мирот и стабилноста насекаде низ светот“, смета Зоран Јолевски, министер за одбрана.

„И овој пат ја докажавме нашата интероперативност и интероперабилност со членките на НАТО и заслугата да бидеме дел од НАТО семејството“, изјави генерал потполковник Горанчо Котески, началник на ГШ на АРМ.

Од 2002 година до сега во меѓународните операции биле распоредени 3300 припадници на АРМ. Македонија активно е вклучена и во планирачниот процес за новата мисија на НАТО наречена „Одлучна поддршка“.

Зоран Јованоски