Меџити денеска во Виена ќе има обраќање на 22. Министерски совет на Енергетската заедница
На овој годишен состанок, каде Меџити присуствува заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се дебатира околу теми поврзани со идното воведување на дополнителни законодавни обврски од областите на управувањето со водите...

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска во Виена ќе има обраќање на 22. Министерски совет на Енергетската заедница.
На овој годишен состанок, каде Меџити присуствува заедно со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се дебатира околу теми поврзани со идното воведување на дополнителни законодавни обврски од областите на управувањето со водите, живеалишта и дивите птици (измените од 2009 на ЕУ директивата), како и околу надградбата на Патоказот за декарбонизацијата, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Енергетската заедница е меѓународна организација која ја олеснува енергетската соработка на ЕУ и деветте договорни страни: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, а има и три постојани набљудувачи: Ерменија, Норвешка и Турција.
-Нејзина главна цел е да ги приближи договорните страни на ЕУ преку олеснување на реформите и постепено проширување на правото на ЕУ за енергија, животна средина и клима, се наведува во соопштението од МЖСПП.
