Штип станува сѐ поатрактивен за странските инвеститори

25.07.2014 15:28

Интерес за изгрдаба на фабрики во штипскиот ТИРЗ најавија турски „Јагје Мезлер“ и италијански „Кондиво“. Турците ќе произведуваат ластик, а италијанците делови за бојлери. Само првата година ќе се вработат 200 работници...

Нови странски инвестиции во Штип.  Турската фирма „Јагје Мезер“ ќе гради  фабрика за ластик, додека италијанската „Кондиво“ ја разгледува можност за изградба на фабрика за производство на делови за бојлери.

Само во „Јагје Мезлер“ првата година се планираат околу 100 нови вработувања.

„Со работа сакаме да почнеме во септември или октомври. Тогаш ќе пристигнат и ќе се монтираат првите 50 машини.  Намерата ни е, во наредниот период да монтираме вкупно 500 машини“, изјави Рахми Каја, сопственик на „Јагје Мезлер“.

„Јагје Мезлер“ се занимава со производство на џинс, а во Штип е присутна од 2008 година, додека интересот на „Кондиво“ за Штип е резултат на владините роуд шоуа.

„Во Италија, на презентација организирана од вашата Влада се сретнавме со министерот Џери Наумоф кој ни ги објасни поволностите за инвестирање и ни организира средба со градоначалникот. Намерата ни е овде да направиме фабрика од 10.000 метри квадратни во која ќе вработиме најмалку 100 луѓе“, истакна  Рафаеле Џанони, менаџер во „Кондиво“.

Од општината се убедени дека со завршувањето на сите започнати проекти, Штип ќе стане уште поатрактивен за странските инвеститори.

Со изградбата на автопатот Штип – Миладиновце, Скопје ќе биде многу близу, со изградбата на карго аеродромот се зголемуваат можностите за транспорт, имаме железница, стручен кадар и работна рака, така што се надевам дека ќе бидеме интересни за инвеститорите“, смета градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Со отворањето на новите фабрики, Штип станува сѐ поатрактивна дестинација и за работници од околните општини. Само во моментов, овде на работа доаѓаат околу 2.000 работници од Свети Николе, Кочани, Радовиш и Виница.

 

Оливера Жежова