Култура

„75 години македонски код“ јубилеен концерт на „Танец“

12.12.2024 10:42

На овој концерт ќе бидат изведени многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризницата на „Танец“, што датираат од различни периоди на делувањето на ансамблот, прекрасните ора и кореографски постановки како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“...

Во недела на 22-ри декември во Националната опера и балет, во 19 часот, ќе се одржи гала јубилеен концерт на ансамблот „Танец“ како свечено заокружување на 75 годишниот јубилеј од основањето со наслов „75 години македонски код“.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е нашиот идентитетски код и една од најблескавите страници на македонската културна историја, за што се заслужни сите генерации што ја граделе и реализирале јасно поставената програмската активност на основачите и ансамблот. „Танец“ низ годините се разви и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и здобивајќи се со статусот на македонска национална гордост пред публиката ширум светот.

На овој концерт ќе бидат изведени многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризницата на „Танец“, што датираат од различни периоди на делувањето на ансамблот, прекрасните ора и кореографски постановки како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „К’лц нога“, „Копачка“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Радовишки собор“ и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на вонсериските национални уметници на ансамблот „Танец“.

Ансамблот „Танец“ ветува исклучителен музичко-сценски спектакл по повод 75 години постоење.