европски совет

Европскиот совет реши да ги крене рампите на копнените граници за Бугарија и Романија

12.12.2024 12:21

Европскиот совет реши да ги крене рампите на копнените граници за Бугарија и Романија со што и двете земји од први јануари 2025-та стануваат полноправни членки на ексклузивната шенген зона на Унијата. Ова е историски момент за Букурешт и Софија, но и за Будимпешта поради унгарското ротациско претседавање кое завршува на 31 декември, изјави Шандор Пинтер, министер за внатрешни работи на Унгарија...

И ветата не се светост во Унијата. Австрија ја укина забраната за целосно пристапување во шенген откако Бугарија и Романија сторија далеку повеќе на границите при намалувањето на илегалната миграција. Пред две години, Виена ја крена рампата поради 80-те илјади незаконски преминувања на австриската граница што беше драстично редуцирано годинава.

„Сега, две години потоа, има само 4500 премини, тоа е масовно намалување. Ако Австрија не го наметна ветото, сега ќе имавме и 100-на илјади. Затоа беше неопходно да се впери прстот во европската унија и да ѝ се каже дека работите не можат веќе вака да одат. затоа сега имаме усвоен договор за азил и за миграција“, изјави Герхард Карнер-министер за внатрешни работи на Австрија.

За да се обезбеди целосен надзор врз слободното патување низ европското копно, Австрија со Унгарија, Романија и Бугарија договори дополнителна заштита на меѓусебните, за да се унапреди контролата на европските надворешни граници. Романија е целосно подготвена и ќе биде значаен партнер во шенген, најави романскиот министер за внатрешни. Во иднина, копнените граници во унијата ќе се чуваат преку оценката на ризикот, а не физички, го дополни бугарскиот колега.

„Со нас се зацврстува шенген-зоната. Нашата заштита на границите е меѓу првите во Европа. Ќе продолжиме како лојален и цврст партнер на шенген. Граѓаните на Романија го заслужија овој момент“, изјави Каталин Предоју, министер за внатрешни работи на Романија.

„Сепак граничните дејствија ќе продолжат особено на бугарско-турската граница каде што контролата ќе се засили. Од втори јануари таму ќе има стотина европски граничари од Унгарија, Бугарија, Романија и Австрија. За да го задржиме и подобриме сегашното намалување на миграцијата од 70 насто“, изјави Атанас Илков, министер за внатрешни работи на Бугарија.

Копнените граници меѓу Романија и Бугарија целосно ќе се укинат по половина година. Во март, Унијата ги тестираше шенген-способностите на Софија и на Букурешт, укинувајќи им ги контролите за патувања и транспортот по море и во воздух.

 

Зоран Богатинов