Брисел воведува нова рамка за собирање и доставување информации за авиопатниците што влегуваат во ЕУ
Според Регулативата за собирање и предвремено доставување на информации за патниците, авиокомпаниите ќе бидат должни на граничните служби однапред да им доставуваат податоци за лицата кои патуваат со нивните авиони на линии од трети земји кон членките на Унијата.

Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска одобри две регулативи за воспоставување и примена на рамката за собирање и предвремено доставување на информации за авионските патници (АПИ), со која се очекува да биде подобрена граничната безбедност на блокот и зајакната борбата против тероризмот и сериозниот криминал.
Според Регулативата за собирање и предвремено доставување на информации за патниците, авиокомпаниите ќе бидат должни на граничните служби однапред да им доставуваат податоци за лицата кои патуваат со нивните авиони на линии од трети земји кон членките на Унијата.
Овие податоци треба да вклучуваат информации за патните документи на патниците, како и детали за летот и багажот.
Ова, според Советот, ќе им овозможи на властите да спроведат претходни проверки на патниците што доаѓаат, да ги проценат потенцијалните безбедносни ризици и ефикасно да се справат со нив, со што ќе се забрзаат граничните проверки и ќе се гарантира поголема безбедност на надворешните граници на ЕУ.
