Обвинителство

Ковачевски барал поткуп од 250.000 евра за да ѝ дозволи на фирма која победила на тендер да работи

12.12.2024 14:47

Клопчето за малверзации во енергетскиот сектор се одмотува. Обвинителството за организиран криминал го сомничи Ковачевски за барање поткуп од 250.000 евра како директор на РЕК Битола…

Поткуп во висина од 250.000 евра побарал поранешниот директор на ЕСМ и на РЕК Битола Васко Ковачевски заедно со негови блиски соработници за да ѝ дозволи на фирма која победила на тендер за ископ на јаглен да продолжи со работа.

Ова стои во кривичната пријава по која постапува Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во предметот отворен пред четири години пријавувачот навел дека иако победил на тендерот, договорот без образложение му бил раскинат, но тој се сомнева дека причината е затоа што не сакал да ги почасти функционерите. Како баратели на мито во кривичната пријава ги посочил Васко Ковачевски и уште неколку лица на високи позиции поврзани со јавните набавки.

„Станува збор за веќе извршена и добиена јавна набавка од страна на фирмата на оштетените, и пред да започнат со нивната работа биле опструирани, бил побаран поткуп, којшто не бил даден од нивна стана. Таа опструкција траела кратко и раскинат бил договорот. Сè уште немаме никаков доказ врз која основа е раскинат договорот, бидејќи во тоа време Законот за јавни набавки не го дозволува тоа“, вели Јован Цветановски, виш јавен обвинител.

Кога пријавата стигнала во МВР, инспекторите срочиле извештај на 400 страници за сите аспекти на договорот и го доставиле до Обвинителството. Таму предметот бил отфрлен со образложение дека нема кривично дело.

Постапувајќи по жалба, вишиот обвинител им наложил да продолжат со истрагата, но Организиран, одново ја отфрлил пријавата по што оштетениот вложил втора жалба.

По три години пинг-понг со предметот меѓу Организиран и Вишото обвинителство, Абази сега има налог да продолжи со истрагата. Во насоките стои дека мора да ги сослуша сведоците и оштетените и да ги анализира темелоно доказите, пред да донесе јавно-обвинителска одлука.

Анита Димитријевска-Велковска