Андоновски учествуваше на панелот „Етиката во користењето на ВИ“
„Во време кога светот зборува за деструктивни технологии и вештачка интелигенција големо задоволство е да видиме дека и младите во Македонија имаат предлози и идеи кон институциите како да се надминат предизвиците и како да се справиме со предизвиците“, истакна министерот Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на конференцијата „Етиката во користењето на вештачката интелигенција: Кај кого е клучот – луѓето или алгоритмите?“, каде што говореше на панелот „Етика кај ВИ во високото образование“.
„Во време кога светот зборува за деструктивни технологии и вештачка интелигенција големо задоволство е да видиме дека и младите во Македонија имаат предлози и идеи кон институциите како да се надминат предизвиците и како да се справиме со предизвиците“, истакна министерот Андоновски.
Министерот посочи дека Министерството развива механизми и политики за заштита на информациите поврзани со ВИ системите, со посебен акцент на безбедноста и приватноста на граѓаните. „Ова нема да биде справување еднаш засекогаш, ќе треба постојано да развиваме политики и начини за употреба во работењето на вештачката интелигенција“, додаде тој.
На панелот се дискутираше за предизвиците во високото образование поврзани со користењето на ВИ алатки, потребата од воспоставување баланс помеѓу иновацијата и академскиот интегритет, како и важноста од меѓу секторска соработка во креирањето на политиките за ВИ.
„Една од клучните задачи пред нас е да го унапредиме образовниот систем преку интеграција на вештачката интелигенција, но секогаш со почитување на етичките стандарди. Веруваме дека со правилен пристап, ВИ може значително да го подобри квалитетот на учење и истражувачката работа, како и да поттикне иновации во високото образование“, додаде министерот.
Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи дека Министерството е целосно посветено на поддршка на образовните институции во прифаќањето на ВИ како алатка за подобрување на образованието, а истовремено се залага за подигање на свеста за етичките импликации од нејзината употреба.
