Локална самоуправа

Се кројат законските измени за отповикување на градоначалниците

12.12.2024 16:56

Преку референдум да се отповикуваат градоначалниците, предлага ЗЕЛС. Граѓаните да ги бираат, граѓаните да ги менуваат. На овој начин ќе се намалат проблемите со кои се соочуваат граѓаните, велат од локалната власт …

Градоначалниците да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат е предлогот кој го подготвува работната група за да се направи измена во Законот за локална самоуправа. Претседателот на ЗЕЛС вели, потребна е темелна реформа, никој во иднина да не се соочува со проблем како во изминатиот период граѓаните на Скопје. Состојбата во метрополата е алармантна – оценува Ѓоргиевски.

„Треба да се донесат законски измени кои ќе бидат одржливи на долг рок. Не да бидат моментална интервенција поради нефункционалноста на една општина, град или која било институција, туку да бидат издржливи решенија на долг рок. Мој личен став е дека не е добро тоа да се случува во рамките на Советот, затоа што тогаш би се оставил простор за манипулација, за групирање, за злоупотреби и слично. Постапката да биде во рацете на граѓаните“, вели Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода.

Сметката на ЈСП и натаму е блокирана, директорот не одговори колкав е долгот на претпријатието кон добавувачот за нафта, ниту како ќе се вратат позајмените државни резерви за гориво. Автобусите на ЈСП иако редуцирани, успеваат да сообраќаат според возниот ред.

„Малку е подобрено, но не е тоа тоа. Се чека автобус по пола час. Нема автобуси, ретки се. Дали е до ЈСП или до Влада, не знам.“

„Порано чекавме со саати, немаше автобус. Лажеа дефект е, нема нафта, одевме по пет километри оттука до Кучково.“

„По саат време се чека. Сега последниве два – три дена е подобро, инаку немаше автобуси“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Јавниот превоз не е единственото прашање кое предизвикува голгота кај скопјани. Има проблем и со Комуналната хигиена, нефункционалноста на Паркови и зеленило, а првпат и со Водовод и канализација – посочуваат од ЗЕЛС.

Власта не се откажува да помогне за решавање на проблемите во јавното претпријатие. Сепак, не се исклучува можноста во наредниот период да се разгледа и опцијата за одземање на ингеренциите на Град Скопје за раководење со ЈСП.

Андријана Ѓурческа