Безбедност

Директорот на БЈБ, Јанев учесник на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции за земјите од ЈИЕ - СЕПКА

12.12.2024 20:50

Јанев во своето обраќање на настанот посебно ја апострофираше улогата на македонската полиција во развојот на значајни проблематики идентификувани во рамки на СЕПКА.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев денеска (12.12.) во Белград присуствуваше на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефовите на полициите на земјите од ЈИЕ – СЕПКА, во рамки со српското претседавање со оваа асоцијација, што инаку се одржува со поддршка од стратешките партнери и организации како ИНТЕРПОЛ, ОБСЕ, Амбасадата на САД во Белград и регионалниот проект EU4FAST.

Јанев во своето обраќање на настанот посебно ја апострофираше улогата на македонската полиција во развојот на значајни проблематики идентификувани во рамки на СЕПКА. Притоа тој се осврна пред се околу сузбивањето на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа за проценките на безбедносни закани за регионот на СЕПКА 2024, како и околу неопходноста од регионална синергија во борбата против сите облици на криминал вклучувајќи го и сајбер криминалот.

Според Јанев само со заедничка, отворена и интензивна соработка, со намалување на бирократските процедури, може да се пресретнат сите евентуални предизвици што ги продуцираат различните типови на организиран и транснационален криминал, при што практично ќе демонстрираме силна заедничка посветеност за целосно анулирање на овие облици сериозен криминал.

Инаку, Генералното собрание на СЕПКА го поздрави министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ, а по завршувањето на настанот формално претседавањето со СЕПКА го презема полицијата на Албанија.