„Трофеј Македонија“ во Скопје

Со Полска за добар старт

25.07.2014 16:15

Лани го немаше, но кошаркарскиот „Трофеј Македонија“ годинава одново е во календарот летни спортски содржини кај нас. Турнирот којшто првпат беше организиран пред шест години ова лето е во функција на што подобра подготовка на македонската репрезентација за квалификациите за Европското Првенство 2015. Нашиот тим до недела во Скопје ќе се надигрува со селекциите на Полска, на Италија и на Црна Гора, коишто наредниот месец исто така ќе имаат евроквалификациски обврски.

Лани го немаше, но кошаркарскиот „Трофеј Македонија“ годинава одново е во календарот летни спортски содржини кај нас. Турнирот којшто првпат беше организиран пред шест години ова лето е во функција на што подобра подготовка на македонската репрезентација за квалификациите за Европското Првенство 2015. Нашиот тим до недела во Скопје ќе се надигрува со селекциите на Полска, на Италија и на Црна Гора, коишто наредниот месец исто така ќе имаат евроквалификациски обврски. Конкуренцијата е значително посилна во споредба со турнирот во Охрид пред десетина дена, на којшто Македонија супериорно триумфираше со три победи извојувани со просечна разлика од над дваесетина поени.

Новиот селектор Александар Џикиќ ќе го има првото претставување пред публиката во главниот град. Неговиот тим, без најголем дел од најискусните поединци коишто цела деценија беа носители на играта и најзаслужни за меѓународните успеси, ќе се соочи со квалитетни проверки не само на моменталната форма, туку и на објективните можности на сегашниот ростер. Гостите доаѓаат во силни состави, единствено без нивните најдобри кошаркари коишто настапуваат во НБА, но со плејада интернационалци на коишто ќе ги темелат надежите за пласман на Евробаскетот.

Загревање за утрешниот меч со Италија на чело со Луиџи Датоме од Детроит Пистонс и за неделната пресметка со Црна Гора на Тајрис Рајс од европскиот првак Макаби, на македонските репрезентативци ќе им биде денешниот дуел со Полска. Полјаците се без првата ѕвезда Марчин Гортат од Вашингтон Визардс, но ќе истрчаат двајца џинови во рекетот, Пжемислав Карновски од Гонзага Универзитетот и Шимон Шевчик од римска Лотоматика. Со оглед дека овој пат ние сме тенки на високите позиции, Џикиќ ќе може да види како ќе функционира тој дел од тимот, во прв ред Бојан Трајковски, којшто сериозно се наметна на охридскиот турнир и секако новиот Американец Ричард Хендрикс. Без оглед на се, селекторот најави дека резултатите викендов нема да бидат во преден план, туку главна цел ќе му биде – добри изданија, по коишто коашркарите ќе останат здрави и подготвени за квалифиакцискиот циклусот од 10 до 27 август.

Трите дена Македонија ќе игра во вечерниот термин од 20 часот, кога ќе бидат и преносите на Собранискиот Сервис.