Македонија може да смета на поддршката од Италија на патот кон ЕУ

25.07.2014 16:18

За време на италијанското претседателство со Унијата, Македонија може да смета на активна поддршка од Италија за почнување на пристапните преговори...

Проширувањето на Европската Унија нема да биде завршено без приемот на земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, изјави шефицата на италијанската дипломатија Федерика Могерини при посетата во Скопје. За време на италијанското претседателство со Унијата, Македонија може да смета на активна поддршка од Италија за почнување на пристапните преговори.

„Знаеме дека прашањето за името е од суштинско значање, исто така знаеме дека решавањето на ова прашање не е во рацете на Италија, меѓутоа Италија е подготвена да даде своја поддршка и да помогне“, нагласи Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италијанската Република.

Министерот Попоски ги поздрави заложбите на Италија за внесување нова динамика во интегрирањето на земјите од Западен Балкан, апелирајќи за дополнителен импулс во однос на евроинтегративниот процес на Македонија.

„Европската унија да го прави тоа што најдобро го прави, а тоа е создавање стандарди за мирна, обединета и економски развиена Европа, а во пракса е покажано дека таа цел се постигнува кога билатералните проблеми на најдобар начин се решаваат во процесот на пристапување кон Европската унија“, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски.

На средбата со Могерини, претседателот Иванов побарал почитување на меѓународното право, поддршка од Италија за членството на Македонија во НАТО и покажување позитивен пример со паралелно движење на преговорите за ЕУ со надминувањето на билатералната разлика.

Владата на Република Македонија очекува поддршка од италијанското претседателство, на дневен ред на Советот на ЕУ во декември да биде ставено и прашањето на почнување на преговарачкиот процес со Македонија.

Италија го започна претседателството на Европската унија со посета на шест држави на Западниот Балкан за кои оценува дека треба да бидат дел од европското семејство.

 

Ирина Гелевска