Блиски Исток

Вашингтон и Анкара на маса за можните улоги во иднината на Сирија

13.12.2024 12:10

Додека нова Сирија е соочена со предизвиците на уништената економија, Вашингтон и Анкара на маса за можните улоги во иднината на земјата. За САД императив останува да не се засили ИСИС во време на безбедносен вакум. По падот на Асад, рамнотежата на силите на Блискиот Исток значително се промени. По Либан, се очекува договор за прекин на огнот и во Газа. ОН загрижени поради воздушните напади на Тел Авив. Бараат итна деескалација на фронтовите низ целиот регион.

САД и Турција во разговори за можните улоги во иднината на Сирија. Главен приоритет и на двете земји се обезбедувањето стабилност и спречување доминација на терористичките групи. Анкара е загрижена за „Курдистанската работничка партија“, Вашингтон за ИСИС. Американскиот државен секретар Блинкен за широк договор.

„Постои широк договор за тоа што би сакале да го видиме понатаму, почнувајќи од привремената Влада во Сирија, која е инклузивна и несекташка, која ги штити правата на малцинствата и жените и не претставува закана за соседите. Разговаравме и за ИСИС. Нашите земји работеа со години напорно за елиминација на ИСИС за да се осигури дека таа закана нема повторно да ја крене главата“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Исламистичката група веќе го користи безбедносниот вакуум по падот на режимот на Асад и има обиди за прегрупирање.

„Порано се криеја, но сега отворено оперираат на терен. Сега се активни во пустината, дел од нив веќе влегле и во нашиот регион“, изјави Абди Мазлум, командант на сириските демократски сили.

По разговорите во Анкара, Блинкен се враќа во Јордан за да го зацврсне прекинот на огнот во Газа откако Хамас се согласи со договорот, без клучното барање – војската на Израел привремено да остане во енклавата. Рамнотежата на силите на Блискиот Исток значително се промени по падот на Асад. Нетанјаху славејќи го слабеењето на оската на теророт, се обрати до иранскиот народ ветувајќи дека заедно ќе го трансформираат регионот во светилник на напредок и мир.

„Историските настани на кои бевме сведоци се верижна реакција на ударот врз Хамас, уништувањето на Хезболах и ударите што ги нанесовме на оската на теророт на иранскиот режим. Знаете од што навистина се плаши овој режим? Се плаши од вас-народот на Иран. И еден ден знам дека ова ќе се промени и Иран ќе биде слободен“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Израел ги продолжи нападите во Газа, но и во соседна Сирија уништувајќи ги воените капацитети. ОН загрижени поради воздушните напади на Тел Авив. Бараат итна деескалација на фронтовите низ целата земја.

 

Бојана Крстевски