воен конфликт

Русите на прагот на Покровск, Америка на Киев му испраќа нова пратка воена опрема

13.12.2024 12:29

Една петтина на Украина е под контрола на Русија, тврдат медиумите блиски до Кремљ. Руските оружени сили ја извршуваат најсеопфатната офанзива од почетокот на војната и се само на километар од Покровск, стратегискиот, источен логистички центар на украинската армија. Откако Москва, по нападот на Киев со американски проектили од среден дострел, се закани со одговор, најверојатно со Орешник, но овојпат со боеви глави, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте порача: време е да се премине на воен начин на размислување …

Тоа значи повеќе пари во воено-индустрискиот комплекс, многу повеќе од сегашните два насто од бруто домашниот производ. Да се смени начинот на размислување, војната во Украина е веројатна и на територијата на НАТО земјите, рече Руте.

„Независно од исходот од оваа војна, нема да бидеме безбедни и во иднина ако не сме подготвени да се справиме со опасноста. Мораме да ја спречиме идната голема војна на територијата на НАТО и да го заштитиме нашиот начин на живот. Ова бара од нас поголема брзина и сила. Време е да се насочиме кон воен начин на размислување и да произведуваме оружје“, изјави Марк Руте-генерален секретар на НАТО.

Америка на Киев му испраќа нова пратка воена опрема, нови стотици милиони долари во возила, артилерија, дронови.

„Ова е 72-ри контингент опрема досега. И како што кажа претседателот Бајден, ќе продолжиме со достава на пратките до крајот на оваа американска администрација“, изјави Џон Кирби-портпарол на Националната безбедност на САД.

И додека Бајден молчешкум ги одобрува нападите со американски проектили од среден дострел подлабоко во руска територија, од Кремљ позитивна оценка за негативниот став на Трамп за потезите на Вашингтон и на Киев. И идниот шеф на Белата куќа е загрижен од опасноста од употребата на нуклеарното оружје.

„Неговата изјава се поистоветува со нашата позиција. Трамп очигледно ги разбира причините за ескалацијата на конфликтот“, изјави Дмитри Песков-портпарол на рускиот претседател.

„Направивме нуклеарно оружје кое е уништувачко. Тоа ме прави многу тажен, зашто ја знам нивната намена. Му се молам на Господ никогаш да не го употребиме. Бидејќи светот никогаш нема да биде ист“, изјави Доналд Трамп-иден претседател на САД.

Руската воена офанзива не запира. Недостигот на муниција за против-воздушна опрема предизвика нова евакуација на жителите на Киев во подземната железница. Зимата е сè постудена, нападот е насочен кон термоелектраните на Украина. Во Запорожје, зеленски посети училиште со илјада деца кое, од безбедносни причини е сместено во приспособено засолниште.

Десетина основни училишта ја изведуваат наставата во засолништа во земјата која го преживува крајот на третата година од војната.

 

Зоран Богатинов