Охрид

Поголема енергетската ефикасност преку обновливи извори на енергија

25.07.2014 16:25

Термоизолација во градежните објекти во Македонија е застапена само со 30 проценти. Поради тоа се трошат огромни количества електрична енергија која сеуште е субвенционирана од државата. Струјата и во иднина ќе поскапува, а единствениот излез за граѓаните е поставување соодветна изолација и користењето на обновливите извори на енергија.

70 проценти од градежните објекти за живеење во државата немаат соодветна термичка изолација што придонесува тие да користат огромни количини на енергија за да се загреваат или ладат. Тоа уште повеќе ја прави државата зависна од увоз на електрична енергија, нафта и гас.

Македонија како држава задоволува само 55 проценти од вкупните потреби за енергенси од сопствени извори, а за увоз на останатите годишно се издвојуваат над една милијарда долари.

Ако се знае дека енергенсите и во иднина ќе поскапуваат граѓаните мора сериозно да размислуваат за подобрување на енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија.

„Значи обвивката, таванот, подот, со тоа можеме да оствариме минимум 50 проценти заштита на енергија за греење и за ладење. Истото важи и за лето. Значи ако го изолираме објектот топлински штедиме и зимско и летно време“, вели Јасминка Димитров Капац, лидер на проект.

„Серијата на активности кои што се реализираатво рамките на овој проект на територијата на Југозападниот плански регион мислиме дека ќе ја подобрат енергетската ефикасност, не само на индивидуалните објекти, туку и на општините и сите други чинители“, вели Стојан Савески од Центарот за развој на Југозападен регион.

Стопанствениците ги следат светските трендови кога се работи за термичката изолација и обновливите извори на енергија.

„Ако трошокот за енергија учествува скоро 70 проценти во секој објект, подготвени сме да ги намалиме трошоците преку системите со обновливи извори на енергија, како сончевата енергија, системите кои што се на пелети и топлотните пумпи“, вели Климе Шешоски од „Шешо Инженеринг“.

Југозападниот дел на Македонија е најбогат со воден потенцијал и има голем број сончеви денови,кои малку се користат за производство на енергија,велат експертите.Тие во иднина мора максимално да се искористат бидеќи енергијата добиена од нив е неколкукратно поефтина од увознат.
 

Сашо Нелоски