Образование

Студентите ќе учат преку работа за да бидат поконкурентни на пазарот на труд

13.12.2024 15:13

За да се обезбеди побрзо вработување на студентите и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот потребно е квалитетно образование, односно знаење и практична настава. Универзитетите ги приспособуваат студиските програми за да им го олеснат преодот на студентите од училница кон идните работни места, но тоа не е доволно. Потребно е системски да се работи за да се премине на овој концепт…

Идните агрономи и инженери ќе стекнуваат практично знаење во компании. Преку менторски тимови на факултетите и во бизнис-секторот, студентите ќе учат преку работа, ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот, а тоа ќе им овозможи побрзо вработување. Во проектот се вклучени Технолошко-металуршкиот, Земјоделскиот и Шумарскиот факултет, поддржан е од Швајцарската амбасада. Ректорката на УКИМ вели-практичната настава не е доволно присутна, потребно е да се работи системски за да се примени овој концепт.

„Вие како реален сектор на овој начин ќе можете да направите посоодветна регрутација на вашите идни вработени, да ги препознаете талентите и да ги привлечете кон себе. Ние како универзитет ќе можеме да влијаеме на квалитетот на студиската програма, вклучувајќи ја сè повеќе практичната настава“, изјави Биљана Ангелова-ректор на УКИМ.

„Над 560 компании се дел од ова партнерство и досега над 12 илјади ученици учествуваат во обуките за дуалното образование. Сè уште треба многу работа, но веќе можеме да видиме од првичното искуство од учениците што го завршуваат дуалното образование дека може да се најдат добро платени работни места во Македонија, и во странство, а компаниите можат да најдат високо квалификувани работници“, изјави Вероник Хулман – амбасадор на Швајцарија.

Доколку дуалното образование се примени на факултетите ќе добиеме повеќе – велат од Стопанската комора. Високообразовните кадри го отвораат патот кон подобар стандард.

„Мозокот на сите операции кои доведуваат до зголемување на профитот, на стандардот се наоѓа токму во тоа легло. А тоа значи дека мораме да водиме сметка дека високообразованите кадри се тие што ја насочуваат активноста, го отвораат патот, ги рушат бариерите кон подобар стандард“, изјави Бранко Азески – претседател на Стопанската комора.

Претседателот на комората укажа и на потребата од вклучување на бизнисот во конципирањето на законите, а не само во давањето мислење за донесените закони.

Андријана Ѓурческа