Здравство

Зголемен број на заболени деца во Куманово

14.12.2024 12:24

Респираторен вирус го зголеми бројот на дечиња во кумановската болница. Најмладите пациенти се новороденчиња од 20-ина дена. Се прегледуваат околу 80 деца од североистокот....

Поголем број на заболени деца на детскиот оддел во кумановската болница. Од оваа здравствена установа информираат дека претпразнично зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти, но и во дневната болница. Се прегледуваат околу осумдесетина пациенти. Во најголем дел станува збор за респираторен вирус.

„Чести се фарингитис, дечиња со бронхоопструкции и поголеми деца со бронхопневмонии, и со потешка клиничка слика. Хоспитализирани 11 дечиња, 15 во дневна болница, најмалите пациенти ни се новороденчиња од 20-25 дена“, вели спец. д-р Маргица Арсовска, педијатар на Детскиот оддел при кумановската болница.

Симптомите со коишто доаѓаат најчесто се покачена температура, отежнато дишење, болки во грлото.

Од Детското одделение при кумановската болница информираат дека сè уште не е достигнат пикот на сезонски грип, најголем е бројот на дечиња со вироза.

За заштита периодов лекарите препорачуваат родителите да не ги носат дечињата во колективи во затворени простории, да внесуваат здрава храна и витамини и да излегуваат на прошетки кога аерозагадувањето е пониско. На Детскиот оддел сè уште недостигаат лекари, но и друг персонал. Во моментов работат четворица педијатри, и по еден специјализант и општ доктор. Се надеваат на нови вработувања наредна година.

 

Елена Георгиевска