Кривична пријава против непознат сторител за случајот со бактеријата листерија

25.07.2014 16:49

Која алка попуштила во системот, ќе утврдуваат истражните органи по кривичната пријава против непознат сторител што ја поднесе Министерството за здравство.

Кој е виновен што се најде храна со бактерија на трпезите на граѓаните?  Која алка попуштила во системот, ќе утврдуваат истражните органи по кривичната пријава против непознат сторител што ја поднесе Министерството за здравство.

„Немам основано сомневање, но имам основи за соменвање. Дека е можно да има некаде пропуст, дека е пуштен во промет производ што има листерија и дека тоа треба да се детектира, да се најде кој го сторил тоа, и да се казни. Имаме четири смртни случаи во државата“, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

За да се спречи епидемија, се земаат мостри од производителите, продавниците, дистрибутивните цнетри. Не само од производите, од денеска ќе се земаат брисеви од машините за производство.

„Никако не смее да се премолчи позитивна мостра. Ако дојде до мене таква информација, веднаш ќе го откријам изворот на бактеријата“, рече Тодоров.

Ќе се прави итна измена на законот. Досега производителите доставувале мостри до лабораторија, која ги известувала само производителите за наодите. По измените, ако некоја лабораторија детeктира каква било бактерија, во рок од 24 часа ќе мора да ги извести Агенцијата за храна и министерствата за земјоделство и за здравство. Дваесетина првични мостри се негативни. Се чекаат резултати од околу 300 земени примероци, меѓу кои и од сите продавници од местата од каде што се заболените.

Наташа Јанчиќ