Повредените се борат за живот, во тек е истрага за експлозијата во Сопиште!
Најтешка е состојбата на жената која со изгореници од четврти степен е згрижена на КАРИЛ во Ургентниот центар. Сериозна е состојбата и на двајцата нејзини колеги кои се во Градската хируршка болница...

Тешка и неизвесна е здравствената состојба на тројцата повредени во вчерашната експлозија во фабриката за пиротехника во Сопишите. Со изгореници на 90 проценти од телото, приклучени на апарати за дишење, се борат за живот.
Најтешка е состојбата на жената која со изгореници од четврти степен е згрижена на КАРИЛ во Ургентниот центар. Сериозна е состојбата и на двајцата нејзини колеги кои се во Градската хируршка болница.
Од државниот инспекторат за труд велат дека работодавачот не испочитувал ниту една законска обврска од аспект на безбедност при работа. Воопшто не ни знаеле дека постои фабриката за пиротехнички материјали, а според законот, работодавачот бил должен да ја извести трудовата инспекција. Најавуваат кривична пријава за загрозување на животот и здравјето на вработените.
„Нема направено обука ниту теоретска ниту практична за вработените од асплект на безбедност при работа, нема извршено здравствени прегледи за високо ризични работни места, нема реверси за дадена лична заштитна опрема“, вели Слаѓана Андоновска, раководител за безбедност и здравје при работа во Државниот инспекторат за труд.
Министерството за економија со тврдење дека фабриката поседувала соодветна дозвола за работа.
„Компанијата има одобрение за производство и промет на пиротехнички производи за временска модификација, забава и обука“, се вели во соопштението на Министерството.
Во тек е вештачење на материјалот.
Андријана Атанасовска
