Нон-пејпер за олеснување на пристапниот процес
Следната недела во Брисел самит ЕУ-Западен Балкан. Го расчистуваат ли европратениците патот за идни членки? Имено, неколкумина најавија Нон-пејпер чија содржина ќе забрани вето од актуелни членки за соседни држави...

Соседните земји да не можат да се блокираат за билатерални прашања во претпристапниот процес за членство во Европската унија. Ова го предвидува Нон-пејперот на Словенија и Германија. Министерката за надворешни на Словенија, Тања Фајон објаснува дека ова е иницијатива која треба да го забрза процесот на проширување, но испрати и порака до властите во Загреб да бидат искрен партнер на сите земји од Западен Балкан.
Проширувањето останува врвен приоритет на Европската комисија и Европскиот парламент, вели европратеникот од либералите Дан Барна. Според него овие неколку години ќе бидат клучни за проширувањето и перспективите на земјите од Западниот Балкан. Нон пејперот според Барна треба да се прифати и од останатите партии во европскиот парламент.
Премиерот Мицкоски задутре ќе присуствува на Самитот ЕУ Западен Балкан. Најави дека Владата повеќе нема да прави отстапки поради условувањата за евроинтеграциите. Поддршка за барањето за одложена примена на уставните измените и од претседателката на Либералната партија, Зајкова.
На состанокот во Брисел ќе присуствува и шефот на македонската дипломатија Муцунски. Тој изјави дека граѓаните повеќе не веруваат дека уставните измени се последна пречка на патот кон ЕУ и смета оти е потребен јасен и предвидлив пат кој ќе ја елиминира оваа неизвесност. Муцунски вели оти е неопходно да се постави прецизна рамка за пристапниот процес, која ќе биде јасна и за државата и за Европската Унија.
Викторија Милевска
