Филхармонија

Концерт во Филхармонија „Меѓу срцето и умот“

16.12.2024 10:30

Во четврток, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“ на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка Алена Баева од Луксембург. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата е Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр. 8 од Дмитри Шостакович...

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“ на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка Алена Баева од Луксембург. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата е Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр. 8 од Дмитри Шостакович.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио.

Алена Баева брзо се етаблира како еден од водечките виолинисти на нејзината генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. Баева е родена 1985 во семејство на музичари. Првите часови по виолина ги добива во Алма-Ата, Казахстан, на петгодишна возраст, од познатиот педагог Олга Данаилова. Од 1995 година учи во класата на проф. Едуард Грач во Централното музичко училиште при Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“, а од 2002 – 2007 на самиот конзерваториум. Покрај формалното образование, Баева како протеже на М’стислав Ростропович учи во Париз во 2003 и на Академијата на Сеиџи Озава во Швајцарија, која ја посетува од 2007 година. На шеснаесетгодишна возраст Баева е добитник на гран-при на 12. Натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и награда за најдобра изведба на современо дело. Подоцна таа е добитник и на гран-при на натпреварот „Николо Паганини“ во Русија (2004), вклучувајќи ја и специјалната награда со која ѝ се дозволува да настапува една година со виолината „виењавски“, изработена од Страдивариус во 1723 година. Баева исто така е добитничка на златниот медал и наградата од публиката на натпреварот „Сендаи“ во Јапонија (2007). Репертоарот на Алена Баева опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар.