Македонија

Стартуваше новиот железнички возен ред, возовите повторно доцнат

16.12.2024 11:22

Стартот на новиот железнички возен ред, утрово на железничка станица Велес го одбележаа доцнењата на возовите од Скопје за Гевгелија и Битола и од Гевгелија за Скопје. Македонски железници со новиот возен ред го вратија патничкиот воз од и за Гевгелија, кој девет месеци беше укинат. Во ситуација кога не е извесно дали и кога ќе стигне возот, колку време ќе се патува до саканата цел, патниците сè помалку ги користат услугите на Македонски железници…

Првиот ден од новиот возен ред, ги донесе старите проблеми во железницата. Утринските возови од Гевгелија кон Скопје и од Скопје кон Битола и Гевгелија доцнеа, тој кон Битола повеќе и од еден час. Доцнењето на возовите, при што во случаи кои се повторуваа, патувањето од Скопје до Битола траеше и по седум, осум часа. Неизвесноста кога ќе дојде возот, кога ќе стигне, ги брка патниците, да користат други превозни средства.

Новиот возен ред на Македонски железници стапи на сила од неделата 15-ти декември. Со него е вратен патничкиот воз од и за Гевгелија, кој не сообраќаше девет месеци, од 27-ми март.

На хартија, по возен ред се вратени и возовите за Кочани и Кичево кои не сообраќаат три ипол години. Според најавите тие ќе започнат да сообраќаат некаде околу половината на идната година, а сега биле впишани, за Железница да не бара ад-хок траси тогаш кога би тргнале, тоа би ги чинело поскапо.

И натаму Македонија нема меѓународни патнички возови, кон Србија, кон Грција или кон Косово. Вкупниот број на патнички линии во земјава, кои функционираат е 14.

Петар Печков