Нови инциденти и несреќи во авиосообраќајот

25.07.2014 19:58

Нови инцидент на небото, шпански авион со 156 патници бил погоден од молња, воздухопловот морал принудно да слета, нема жртви, ниту повредени. Сепак, ваква среќа немаа патниците на алжирскиот авион, според последните информации, нема ниту еден преживеан од 116-те патници.

Авионот кој се движеше на релација Буркина Фасо- Алжир се урна на многу непристапен терен на северот од Мали. Во леталото имало 51 француски државјанин, претседателот Оланд ја потврди информацијата.  

„Француските војници се на местото на несреќата и ја почнаа истрагата. Сочувствуваме со семејствата на загинатите. Една црна кутија веќе е најдена, ќе направиме се за да ја дознаеме причинната за несреќата“, изјави Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Според првичните информации, авионот експлодирал веднаш по падот, а се претпоставува дека лошото време или технички проблеми се причините што ја предизвикале несреќата. Засега нема индикации дека бунтовниците кои се многу активни во тој регион го урнале  леталото.

Додека Алжир и Франција ги утврдуваат причините за авионската несреќа,  во Украина во шумски предел се најдени нови остатоци од трупот и од жртвите на паднатиот малезискиот боинг, при што 298 патници го загубија животот.

 „Во шумата најдовме голем дел од трупот на авионот, немаше знаци ниту скршени гранки што би посочило дека и таму има делови“, изјави претставник на ОБСЕ.

 Во меѓувреме продолжуваат жестоките судири на истокот на Украина. Расте и бројот на жртвите. украинската војска соопшти дека  поставила контрола во областа Лисичанск.

По вчерашната оставка на премиерското место  на Арсениј Јацењук, денеска беше именуван Владимир Гројсман за вршител на должноста в.д. премиер.

Марија Петковска