Напредуваат преговорите за решавање на кризата во Појасот Газа
Напредуваат преговорите за решавање на кризата во Појасот Газа, договорот може да биде потпишан до 25 декември пишуваат либански медиуми. Во меѓувреме Израел изврши нов напад врз уште едно училиште во енклавата, расте бројот на жртви. Масовни ракетирања и врз воени локации во сириските региони Латакија и Тартус. Тел Авив ги удвои израелските населби во Голанска Висорамнина...

Постои сериозна подготвеност за договор меѓу Израел и Хамас за ослободување на заложниците и ставање крај на конфликтот кој би можел да биде потпишан до 25 декември – пишуваат либански медиуми. Извештаите доаѓаат во момент на силен притисок на израелските сили во Газа. Тел Авив изврши нов напад врз уште едно училиште во енклавата, со што бројот на жртви во изминатите 24 часа достигна речиси 70.
„Го бомбардираа училиштето, кое беше засолниште за деца. Во него немаше борци на отпорот. Како можат да бомбардираат училиште?“, изјави Мона Камел, Палестинка.
Масовни ракетирања и врз воени локации во сириските региони Латакија и Тартус. Москва го потврди продолжувањето на пренсот на воен персонал и опрема од Сирија, нема конечна одлука за иднината на воените бази.
„Во моментов нема конечни одлуки по ова прашање. Во контакт сме со претставниците на силите кои моментално ја контролираат ситуацијата во земјата, и сето тоа ќе се утврди во текот на дијалогот“, изјави Димитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Тел Авив ги удвои израелските населби во Голанска Висорамнина. Осуди за потегот дојдоа од Ирак, Саудиска Арбија и ОАЕ. Велат дека одлуката ќе ги ескалира тензиите во регионот. Нетанјаху тврди – не сака конфликт со Дамаск.
„Немаме интерес да се спротивставиме на Сирија. Полтикиата ќе ја одредиме според реалноста што се појавува на теренот. Но, остануваме посветени да го спречиме повторното вооружување на Хезболах“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Шефот на иранската револуционерна гарда се закани дека Израел ќе плати висока цена и ќе биде погребан во Сирија.
„Откако падна сирискиот режим, видовте какви страшни инциденти се случуваа. Ционистите ќе платат висока цена, ќе бидат погребани во оваа земја, иако ќе биде потребно извесно време“, изјави Хосеин
Салами, началник на иранската револуционерна гарда.
Ситуацијата во Сирија-високо на агендата на состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел.
„Задолжив европски врвен дипломат во Сирија да оди во Дамаск за да оствари контакти со Новата влада. Ќе разговараме и во Советот за надворешни работи како и на кое ниво ќе се ангажираме со новото раководство и се разбира кои чекори сме подготвени да ги преземеме доколку видиме дека Сирија оди во вистинка насока“, изјави Каја Калас, висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика.
Истовремено, бунтовничките сили во земјата продолжуваат со обидите за нормализација и враќање на безбедноста по низата грабежи и напади врз безбедносните и владините згради.
Бојана Крстевски
