Гајдата- дел од нематеријалното културно наследство
„Традиционална изработка и свирење на гајда“ впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Ова е успех за нашата култура, вели министерот Љутков. Гајдата со нејзиниот уникатен звук е симбол на нашиот идентитет, корени, традиција …

Македонската гајда и официјално е на светската културна мапа. УНЕСКО ја впиша на репрезентативната листа за нематеријално културно наследство, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“.
Гајдата со нејзиниот уникатен звук е симбол на нашиот идентитет, корени, традиција и звучен архетип на македонската душа. Таа не е само инструмент, туку и приказна која се пренесува низ генерациите.
По седум години пауза, повторно сме дел од големото семејство на УНЕСКО, во кое нашата земја членува од 1993-та година, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Тоа што ова културно богатство се најде на листата на УНЕСКО не е само успех за гајдата, ова е успех за нашата култура. Потсетник за моќта на традициите, да ги обединат луѓето и да создадат мостови на разбирање и соработка, потенцираше министерот за култура.
Александра Спировска
