Странски инвестиции

„Монтанте Груп“ во Македонија препозна најдобри услови за инвестирање

25.07.2014 20:11

Фабриката треба да биде готова најдоцна за една година од почетокот на градбата која треба да стартува наесен. Компанијата планира годишно да извезува производи во вредност од над 30 милиони евра. Ќе инвестира 10 милиони евра, а за почеток ќе вработи 100 луѓе...

Италијанската мултинационална компанија Монтанте Груп ќе гради фабрика за производство на амортизери за возови, шински возила, автобуси и тешки возила во Македонија. Ќе инвестира 10 милиони евра. За почеток ќе вработи 100 луѓе. Фабриката треба да биде готова најдоцна за една година од почетокот на градбата која треба да стартува наесен. Компанијата планира годишно да извезува производи во вредност од над 30 милиони евра.

Не е тајна дека пред да дојдеме во Македонија бевме и во соседните држави, но Македонија ни понуди најдобри услови за инвестирање и затоа токму тука се одлучивме да ја отвориме нашата фабрика. Не станува збор за дислоцирање на постојна фабрика, туку во Македонија ќе градиме целосно нов капацитет“, рече Антонело Монтанте, инвеститор од Италија.

Групацијата веќе регистрирала мешовита компанија во Македонија под името „Њуко“ .Во фаза е склучување на договори за две локации во ТИРЗ Скопје 1 на кои првично ќе се изгради еден објект, а подоцна се планира зголемување на капацитетите.

„Се сретнавме со претставниците на компанијата во нивната фабрика во близината на Торино, а потоа тие ја посетија Македонија оваа пролет, кога по активна анализа на неколку земји од регионот одлучија следната инвестиција да биде во Скопје,“ рече Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

За можностите за инвестирање во Македонија биле запознати на минатогодишното владино роуд-шоу во Италија.

„Ако таа компанија одлучи да инвестира во некоја земја тоа значи позитивен знак за другите компании во таа групација и ќе влијае на начинот на кој тие би ја разгледувале Македонија за евентуална дестинација за инвестирање“, рече Мизо.

Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. 

Дијана Ценевска