Сцена

„Ескапизам: Меморијата и идентитетот“ самостојна изложба на младата уметница Мила Добревска

16.12.2024 13:29

Досега младата македонска уметница имала бројни групни изложби и учество на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија и Македонија...

Вечерва со почеток во 20 часот во Националната галерија објект „Мала Станица“, ќе се отвори самостојната изложба на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска „Ескапизам: Меморијата и идентитетот“.

Мила Добревска (1999, Скопје), неодамна магистрираше на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија со специјализација во современ мозаик. Таа е активен член на Друштво на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ и МАРТЕ Асоцијацијата за современ мозаик.

Досега младата македонска уметница имала бројни групни изложби и учество на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија и Македонија, а покрај тоа зад Добревска стојат три самостојни изложби од кои првата беше во МКЦ, Скопје во 2022 година, а во 2024 година ги реализираше изложбите во галеријата „Пионери Арт Платформ“ во Барселона и во „Св. Станислава институтот“ во Љубљана, Словенија.

Стефан Александар Јовановски истакнува дека самостојната изложба на Мила Добревска „Ескапизам: меморија и идентитет“ го истражува човековиот копнеж за ослободување преку живи, емоционално наполнети дела инспирирани од македонското наследство и модерната интроспекција. Во делата на Мила, Јовановски појаснува дека: „Ескапизмот станува мост меѓу минатото и сегашноста. Македонските традиции, како орото или сложените дезени на везовите, со генерации служеле како бегство, нудејќи радост, заедништво и отпорност во тешки времиња. На сличен начин, нејзините смели и контрастни композиции нè повикуваат да размислиме како денес создаваме моменти на занес – преку уметност, имагинација или саморефлексија. Делата на Мила одекнуваат со живописни бои и текстури, црпејќи инспирација од народниот вез и колективната енергија на македонската култура. Овие елементи се испреплетуваат за да ја прикажат двојноста на ескапизмот – мали паузи на задоволство или големи мечтаења полни со надеж. Делата не се само визуелно уживање, туку и покана за размислување: Дали ескапизмот е само бегство, или е и пат за рефлексија и лична трансформација? Како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет? Што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“?“ – вели кураторот Јовановски. Изложбата на младата уметница Мила Добревска е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и КомшиLOOK.

Изложбата „Ескапизам: Меморијата и идентитетот“ ќе биде отворена до 22-ри декември.