Таравари: Се анализира работата на директорите во јавното здравство, ќе има промени
Директорите на здравствените установи под лупа на Министерството за здравство. Оние кои не дале резултати ќе бидат разрешени. Министерот за здравство секојдневно добива информации дека во одредени болници, здравствени домови, клиники постои незадоволство и кај персоналот и кај пациентите. Засега не открива кои директори ќе добијат слаба оценка.

Директорите на здравствените установи под лупа на Министерството за здравство. Дел од нив не ги дале очекуваните резултати и ќе бидат разрешени – најави министерот Таравари. Не откри кои менаџери имаат слаби оценки, но рече оти секојдневно добива информации дека во одредени болници, здравствени домови, клиника има незадоволство и од персоналот и од пациентите.
„Таму каде што не се раководи како што треба би требало да направиме промени, меѓутоа дајте ни време за да имаме основи и факти за некои од директорите дека, генерално, не функционирале добро“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Невладини, пак, предупредуваат дека е потребно да се промени законот за директорот да нема дискреционото право да вработува кого сака, туку да мора да се води по ранг-листата и да ги избере најдобрите, а не како досега.
„Директорот да биде обврзан со ранг-листата изработена од комисијата. Ранг-листата да биде базирана на објективни критериуми и да спроведе објективен процес на проверка на кандидатот и директорот само да го потврди изборот на кандидатот, со можност за исклучок доколку постојат основани причини, но да образложи зошто не го поддржува кандидатот кој е избран од Комисијата“, изјави Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници.
Во сите здравствени установи низ државата има недостиг од медицински сестри, болничари, лаборанти.
Андријана Ѓурческа
