Сеќавање на Илинденците во Крушево

26.07.2014 15:33

Низ Крушево се рашетаа комитите, турците, чорбаџиите. На терасите се извадија црвените јамболии, симболот на револуцијата, но овој пат, борбата е за привлекување повеќе туристи.

Започна историскиот времеплов во Крушево. Градот по 6-ти пат се врати во времето на Илинденците. Низ Крушево се рашетаа комитите, турците, чорбаџиите. На терасите се извадија црвените јамболии, симболот на револуцијата, но овој пат, борбата е за привлекување повеќе туристи. 

„Буквално целиот град е една сцена на отворена, и токму затоа секоја година тука доаѓаат се повеќе туристи за да го видат овој настан“, рече Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.

Во наредните денови ќе се афирмираат традицоналните занаети, фолклорот и богатата културна ризница.

Во наредните 7 дена тука низ крушевските сокаци туристите ќе можат да ја вкусат традиционалната крушевска софра, да видат како се подготвувале традиционалните носии, но ќе можат да видат исто така како комитите го изработувале оружјето за време на илинденскиот период.

„И затоа секој ден се предвидени работилници. Тие работилници ќе бидат пред се за изумрени занаети, или занаети кои веќе изумираат за да тие повторно се актуелизираат“, истакна Зоран Богески, директор на Музеј Крушево.

Крушевчани гордо се облекоа во староградски и народни носии за да подготвено ги дочекаат туристите.

„Ние сме подготвени секој ден на туристите да им дадеме и сувенири, но и крушевски специјалитети како што се крушевската пита и крушевските амајлии“, кажа Спасијка Тасеска, здружение на жени „Цвет“.

Ќе се доловува староградскиот амбиент во секој поглед.

„Ќе свириме секој ден староградска музика во центарот на градот „Под липите“, од 11 часот до 14 часот, и потоа од 19 до 21 часот“, вели Дамјан Стојчески, учесник на манифестацијата.

Во недела започнува и настанот Discover Krusevo кога ќе може бесплатно да се лета со параглајдери, ќе се јаваат коњи низ коријата, и ќе се вкуси крушевската софра.

Дарко Штаргоски